МАЛОГРАЃАНСКА СВАДБА Бертолд Брехт

За претставата

Малограѓанска свадба е една од првите драми со кои Бертолд Брехт се претставил пред светот.
Драмата е битка со конзервативните ставови, лицемерието, лажниот морал. Битка помеѓу она лице со кое се претставуваме пред околината и она лице кое вистински го поседуваме. Битката со малограѓанштината во нас, која за жал, најчесто ја добива победата. Сепак Брехт е оптимист. Неговата уметносност буди надеж, нуди можност за поинаков свет. Брехт бил убеден дека човековите невољи се во рацете на самите луѓе, што значи дека со светот може да се раководи, управува, ракува...
Дека уметноста може и мора да се вплеткува во историјата; дека уметноста мора да се натпреварува во извршувањето на исти задачи со науката со која е солидарна; дека одсега ни е потребна уметност на објаснување, а не само на изразување; дека театарот мора да и помага на историјата разоткривајки го нејзиниот процес; дека во крајна линија, не постои „суштина“ на вечната уметност. Секое општество мора да ја измисли уметноста која ќе му помогне што подобро да го изнедри сопственото избавување.